ФЛЕКСИБИЛНОСТ – NLP

Флексибилност – NLP

Флексибилноста како еден од столбовите на NLP-то е преплетена во неговата целокупна филозофија. Тоа подразбира дека на секоја промена, ситуација, личност треба да и се пријде отворено и со спремност да се разбере, а според тоа и да се прилагоди однесувањето на конкретната промена, ситуација, личност. Флексибилноста е една од клучните разлики кои NLP-то го прави единствено и на кое му дава моќ, како што и дава моќ и на личноста која флексибилноста ќе ја интегрира во својата филозофија на живот.

Флексибилноста подучува на:

  • Способност да се истражува што е она што носи и што е она што не носи резултати;
  • Да се отворат сетилата и да се примат информациите преку сите сетила за комплетирање на сликата;
  • На отвореност за менување на активноста кога не се добива посакуваниот резултат;
  • На отвореност за повеќе можности;
  • Отвореност за промени и учење.

Се зависи од тоа од која страна се гледа работата и сигурно е дека штом ќе се измени стојалиштето се менува и тоа што се гледа. Ова значи дека сите би можеле да погледнат низ леќата на успехот доколку за тоа покажат спремност. Избор секогаш постои е највеличествената мисла на сите времиња.

 

За развивање на флексибилноста како вештина и пресретнување на мапата на светот (статија Носечката аксиома од NLP која прави разлика) на соговорникот во NLP-то познати се три различни позиции на гледање на некоја промена, ситуација, личност, и тоа:

Прва позиција. Во оваа позиција се гледаат работите од лична гледна точка. Преку личната мапа за светот, личните вредности, убедувања, претпоставки. Оваа позиција на гледање на работите е значајна за да се разбере личниот став за промената, ситуацијата, личноста. Да се направи проверката за личната екологија и како промената, ситуацијата, личноста влијае врз вас, како таа се вклопува во личната мапа за светот.

Втора позиција. Во оваа позиција се гледаат работите од позицијата на соговорникот. Доколку предолго се остане во првата позиција и не се обрне внимание за втората позиција – погледот со очите на соговорникот, комуникацијата е осиромашена од значителни информации. Доколку не се разберат вредностите, убедувањата и претпоставките со кои соговорникот пристапува во конверзацијата, мала е веројатноста дека исходот ќе биде на обострано задоволство на подолг рок. Како што и посочува индијанската мудрост „Не суди за никој човек доколку барем еден месец не поминеш во неговите мокасини“ значајноста на втората позиција се гледа во тоа да се разбере мапата за светот на соговорникот. Во оваа позиција треба да се погледне од очите на соговорникот за да се разбере мапата за светот на соговорникот, без притоа да има лично внесување во позицијата на соговорникот. Разбирање на што е тоа што тој/таа го прави, а не што вие би направиле да сте на негово/нејзино место.

Трета позиција. Во оваа позиција се гледаат работите од трета, неутрална гледна точка. Во оваа позиција треба на промената, ситуацијата, личноста да се погледне како неутрален, независен набљудувач кој ги има двете (првата и втората) позиција пред себе. Метафора која се користи за оваа позиција е филмски режисер или позицијата мува на ѕидот. Оваа трета позиција овозможува да се набљудува непристрасно, логично, рационално и објективно ситуацијата, промената, личноста. Од оваа позиција појасно може да се види што е она што соговорниците би можеле поинаку да го направат, кажат за да го достигнат посакуваниот резултат.

Спремноста да се погледне од трите позиции овозможува да се разбере соговорникот и да се разбере неговата мапа за светот преку искажување на почитувањето кое е неизоставен дел од добрата комуникација. Сите три позиции се подеднакво важни за водење на конструктивен разговор, како и владеење со промената, ситуацијата. Оваа вежба ја има развиено Роберт Дилц 1988 година, со нејзино активно практикување доаѓа до унапредување на разбирањето на соговорниците, развивање на нови начини на размислување, а преку тоа и до побрзо решавање на проблемите и полесно снаоѓање во нови ситуации. Како што зад сите техники на NLP-то, така и зад оваа техника стои посветеноста и вистинската грижа за соговорникот.

Во продолжение е преставена една приказна која ја преставува крутоста на личниот став и неспремноста да се напушти првата позиција и да се погледне од втората и/или трета позиција на гледање на окружувањето. Ваквиот став сериозно го оштетува комуникацискиот процес и резултира со големи недоразбирања и конфликти во комуникацијата.

Тројца слепи луѓе сретнале слон и почнале да го опипуваат да видат што е тоа големо здание пред нив.

„Тоа е нешто големо и широко како тепих“ – рекол првиот држејќи го слонот за уво.

„Јас располагам со докази дека станува збор за рамна и влакнеста цевка“ – рекол вториот слеп човек, кој што го држел слонот за сурлата.

А третиот слеп човек, кој што го држел слонот за ногата извикал „Не, моќен е и цврст како столб“.

Дали овие слепи луѓе барем малку се разликуваат од директорот за производство, маркетинг и развој во голем број од организациите?

автор:  АНА САЛТИРОВА ДАВИДОВСКИ

No comments, be the first one to comment !

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

top
Сенсум© 2018. Сите права задржани.

Login

Create an Account Back to login/register