Нашата понуда опфаќа широк спектар на тренинг програми и коучинг програми кои се дизајнирани да направат моќни лични трансформации на учесниците.

Разговарај со експерт
+389 23 099 919

Емоции, мисли и избор: Како да ја одржиме контрола во комуникацијата и животот

  • 20 March 2026
  • 674 Views
Зорица Поповска

Време за читање: 2 минути

Колку често ни се случува емоцијата да нè управува? Да ни го краде фокусот и способноста за концентрација, да ни ги затвори можностите, да ни ја смени комуникацијата со другите и со себеси?

Во денешните динамични организации, брзината на промените, новите барања и комплексноста на животот можат да нè остават во постојана реакција – потиснување, избегнување, прекумерно размислување.

Емоционалната флексибилност станува клучен ресурс – способност да ги видиме, признаеме и да управуваме со нашите внатрешни искуства, без да се фатиме на „јадицата“ на нашите мисли и емоции.

Емоциите не се непријатели. Напротив, тие се светилници што ни покажуваат што ни е важно. Чувството на заглавеност, стравот или гневот често ни кажуваат дека сме оддалечени од нашите вредности, од она што навистина ни значи. Ако ги потиснуваме или игнорираме, го губиме клучното учење што ни го носат.

Но што значи да бидеме емоционално флексибилни? Тоа не значи да се покоруваме на секоја емоција. Не значи да ги оправдуваме или да се идентификуваме со нив. Значи да ги забележиме, да ги именуваме и да ги користиме како информација за да направиме избор – избор да се однесуваме во согласност со нашите вредности, наместо со автоматските импулсивни реакции.

Замислете ситуација: на состанок сте, некој ве потценува. Првото чувство е гнев или анксиозност. Стандардната реакција би можела да биде игнорирање, или пак постојано размислување за тоа што се случило. Двете стратегии се „закачување“ – вашите емоции и мисли управуваат со вашите акции, а не вие. Резултатот? Намалена ефективност, потиснати таленти, нарушени релации.

Вештината што ја учиме преку НЛП и развој на мета-погледот е способноста да направиме чекор назад: да ги видиме нашите емоции и мисли, да ги забележиме, но да не дозволиме тие да нè дефинираат. Можеме да избереме како да одговориме: од место на свесност, мудрост и вредности.

Виктор Франкл убаво истакнува:

„Помеѓу стимулот и одговорот постои простор. Во тој простор лежи нашата моќ да избереме.“

Клучот е да ја освестиме нашата внатрешна реалност, да ги прифатиме емоциите без да се бориме со нив и да се однесуваме според она што ни е важно. Кога нашите акции се во согласност со вредностите – почит, конекција, учење, придонес – дури и најтешките мисли или емоции не можат да нè запрат.

Ова не е само индивидуална вештина. Лидерите кои развиваат емоционална флексибилност создаваат тимови кои се адаптивни, доверливи и ефективни. Тие не избегнуваат тешки разговори, не го потиснуваат незадоволството или вознемиреноста на тимот, туку ги водат со свесност, почит и акција што е усогласена со вредностите на организацијата и личните вредности.

Исто така, јазикот што го користиме има моќ. Секој збор е алатка – може да гради, да инспирира, да води кон резултат, или да создава забуни и отпор. Нашите зборови не се само комуникација со другите, тие се и разговор со самите нас. Кога зборуваме со свесност, ги зајакнуваме и нашите мисли и нашите чувства.

Емоционалната флексибилност значи да се однесуваме човечки, но и да водиме. Да чувствуваме, да разбереме, но и да избереме. Да ги препознаеме нашите мисли и емоции, да не се идентификуваме со нив и да дејствуваме од место на вредности и избор.

На крајот, секоја личност е одговорна за својот живот. Преку свесност, мета-поглед (мета когниција) и избор на акции во согласност со вредностите, можеме да ја одржиме емоционалната рамнотежа, да го подобриме нашиот живот и да влијаеме позитивно врз организациите и луѓето околу нас.


Да се зајакнеме, заедно.

zorica.popovska@sensum.mk
sensum.mk