28.03.2026
Време за читање: 2 минути
„Квалитетот на вашите релации го одредува квалитетот на вашиот живот.“
„Смислата на вашата комуникација е одговорот што го добивате.“
Прашањето е: дали навистина сме ефективни во комуникацијата? Дали зборовите што ги изговараме го носат посакуваното влијание?
Џорџ Бернард Шо рекол нешто што многу ми се допаѓа:
„Најголем проблем во комуникацијата е илузијата дека истата се случила.“
Само затоа што си кажал нешто, не значи дека другите го слушнале, разбрале или ќе постапат по тоа. Можеш да зборуваш цел ден, но тоа не значи дека си ефективен комуникатор. Начинот на кој кажуваш нешто има огромно значење.
Комуникацијата започнува од тебе
Пред да мислиме за другите, треба да ја провериме комуникацијата со себе. Како се чувствуваме, како ги толкуваме настаните и како се гледаме себеси?
Среќата и мирот не зависат од парите, од времето, од тоа дали некој ни рекол „те сакам“. Тие зависат од тоа како ние го толкуваме сето тоа и како разговараме со себе во врска со тоа.
Ако нешто те вознемири, целата твоја реакција доаѓа од значењето што си му го дал на тој настан.
И еве ја клучната лекција:
„Ништо во животот нема значење освен значењето што јас му го давам.“
Нашето искуство не е тоа што ни се случува, туку како го интерпретираме и го комуницираме тоа со себе.
Ефективна комуникација со другите
Многу луѓе чувствуваат силни емоции, но не ги споделуваат. Зошто? Затоа што се плашат дека нема да бидат разбрани или дека ќе повредат некого. Кога тие чувства ги задржуваме во себе, тие се таложат, вријат внатре и понекогаш „експлодираат“. А всушност, многу полесно и поздраво би било да ги изразуваме навреме – преку секојдневна, искрена комуникација и разјаснување, додека се мали.
Од друга страна, кога ги споделуваме емоциите, но без сите информации, често реагираме врз основа на погрешни претпоставки. Колку пати сме реагирале бурно, за подоцна да сфатиме дека немало причина?
Затоа, клучот е: да бидеме свесни за значењето што му го придаваме на настаните и зборовите.
Просторот помеѓу стимулот и одговорот
Виктор Франкл ни дава моќен совет:
„Помеѓу стимулот и одговорот, постои простор. Во тој простор е нашата моќ да избереме одговор. Во нашиот одговор лежи нашиот развој и нашата слобода.“
Тоа значи дека не сме заробени од нашите реакции. Можеме да ја одбереме нашата реакција и со тоа да растеме, да се развиваме и да градиме подобри односи.
Завршни мисли
Квалитетот на вашиот живот е директно поврзан со квалитетот на вашата комуникација – прво со себе, а потоа и со другите. Разберете што чувствувате, како ги толкувате настаните и како ги споделувате вашите мисли и емоции. Бидете свесни дека секое значење што му го придаваме на нешто е избор – и тој избор го обликува вашиот живот.
Комуникацијата не е само зборување. Тоа е создавање на значење, разбирање и врски. Кога учиме да ја владееме оваа уметност, животот станува посилен, посреќен и поцелен.
Да се зајакнеме, заедно.
