Време за читање: 4 минути
Разговараше: Верица Јорданова

Интервју со Зорица Поповска за MindsetMaps и развој на автентични претприемачи
Зорица Поповска е НЛП Мастер тренер, коуч, говорник и регионален партнер на MindsetMaps International за Македонија и Србија. Основач е на Сенсум Тренинг и Коучинг и НЛП Институт. Таа има долгогодишно искуство во тренинг, консалтинг и развој на претприемачи и лидери, со фокус на лична трансформација и применливи алатки за успех.
Во ова интервју, Зорица зборува за важноста на мајндсетот, автентичноста, лидерството и претприемничкиот дух. Воедно, таа се осврнува и на иновативната интернационална програма Mindset Maps и интернационално сертифицирана едукација наменета за развој на коучеви, лидери и автентични претприемачи.
Зорица, живееме во време на брзи технолошки промени и речиси секојдневно соочување со вештачката интелигенција која навлегува во се повеќе сфери од животот. Зошто во ваков контекст прашањата поврзани со мајндсетот, лидерството и развојот на луѓето стануваат толку актуелни?
Светот околу нас се менува со молскавична брзина. Технологии како вештачката интелигенција, дигитализацијата и глобалните пазари го трансформираат начинот на кој работиме, учиме и водиме. Експертите истакнуваат дека „Човештвото стои на работ на извонредна нова ера во глобалната историја.“ Светот веќе не се движи линеарно, туку експоненцијално, и оние кои остануваат со фиксен мајндсет ризикуваат да заостанат.
Да го развиваме својот мајндсет е клучно за прилагодување на неизвесноста и креирање можности. Особено е важно лидерите да развиваат адаптивен и генеративен мајндсет за да можат да управуваат со сложените предизвици, тимови и организации.
Секако, технологијата се развива со неверојатна брзина. AI ќе преземе дел од задачите и ќе оптимизира процеси, но она што не може да го замени е човечката свесност, креативност, зрелост, одговорност и човечката конекција. Во време на нестабилен надворешен свет, овој пристап нуди јасност, стабилност и насока.
Од друга страна, во нашата култура често постои навика луѓето да остануваат во пасивност, чекајќи некој друг да им каже што да прават или да дојдат идеални услови кои никогаш нема да дојдат. Тоа е дел од културниот наратив на жртва, кој го намалува потенцијалот на претприемачите и лидерите. Нашите развојни програми, особено MindsetMaps, им помагаат на луѓето да излезат од тоа парализирачко чекање, да ја преземат одговорноста и свесно и со намера да дејствуваат.
Во вакви услови постои ли стратегија или пристап за младите луѓе, или за секој што се чувствува збунето и несигурно, како да ја најдат својата смисла, својата вистинска насока и да се ориентираат во животот, особено во време на брзи промени и неизвесност?
Животот не е едноставна, линеарна патека и не постои еден правилен пат до вистината. Пред да бараме надворешни решенија или конкретни чекори кон успехот, првиот и суштински чекор е да работиме со својот мајндсет. Нашите мисли, уверувања и навики ја обликуваат реалноста и одредуваат дали ќе ги забележиме можностите околу нас.
Во време на брзи технолошки, економски и социјални промени, способноста да го адаптираме умот, да учиме, да пробуваме и да се менуваме е поважна од било кој конкретен план. Затоа е нужно да се свртиме навнатре, да се ослободиме од културниот притисок и да ја почувствуваме итноста во себе. Важно е да истражиме околу што сме пасионирани и да си дозволиме да учиме преку правење, наместо бескрајно планирање. Вештините што ги стекнуваме, нашата посветеност и пасија создаваат уникатна патека, овозможуваат мајсторство и помагаат да ја најдеме вистинската насока, дури и во време на неизвесност.
Мајндсетот е нашата внатрешна мапа за животот. Тој одредува како реагираме на предизвици, како учиме од грешки и како ја градиме својата иднина.
Оној кој ја презема одговорноста, кој се соочува со неизвесноста и дејствува свесно, создава можности, возбудливи искуства и вистинска лична моќ.
Што значи автентичен претприемач и како MindsetMaps помага да се развие таков капацитет?
Автентични претприемачи се луѓе кои не градат бизнис само за профит, туку дејствуваат од позиција на внатрешна усогласеност со визијата, вредностите и поголемата смисла и цел. Тие сакаат да го живеат својот сон и да направат вистинска разлика.
Важни се и внатрешните претприемачи, оние кои иницираат проекти и иновации одвнатре во организацијата. Не можете да чекате некој друг да ви даде дозвола да успеете. Автентичноста значи преземање одговорност, иницирање на иницијативи и проекти, реализација на визијата без оправдувања и барање изговори.
MindsetMaps им нуди систематски пристап, практични вештини и јасност да го реализираат својот проект или да започнат и водат бизнис на одржлив начин. Не е мотивација, туку усогласеност, стратегии, акција и дневна работа на себе и на тимот.
Вашата компанија минатата година стана партнер за MindsetMaps за Македонија и Србија. Како е создаден Success MindsetMap™ и што го прави уникатен?
Гледаме дека претприемништвото и лидерството доживуваат трајни промени, а во срцето на оваа глобална трансформација стои MindsetMaps – уникатен систем кој со научна прецизност може да мапира, мери и профилира мајндсет.
Децении наназад се потпиравме на едноставниот модел на фиксен и развоен мајндсет, но иновацијата со MindsetMaps оди многу подалеку. MindsetMaps не е само уште еден коучинг модел. Тоа е систем базиран на повеќе од 30 години истражување на светски успешни лидери и претприемачи, кој користи интелигентна алгоритамска психометрија за мапирање, мерење и профилирање на мајндсетот. Системот генерира визуелни, акциски ориентирани извештаи што покажуваат не само каде сте сега, туку и јасна насока каде треба да се движите за да постигнете успех.
За оние кои што се веќе коучеви и консултанти, ова е практичен пристап и моќна алатка. Наместо генерички скрипти или интуитивно избирање техники, секој коуч добива конкретна, со докази валидирана мапа сочинета од 49 внимателно дизајнирани алатки.
„Success MindsetMap™ е резултат на истражувања на светските реномирани консултанти Роберт Дилтс и Мики Фехер, кои проучувале стотици успешни претприемачи од различни индустрии – од технологија и образование до социјално претприемништво. Го разгледале секој аспект на успехот: акции, способности, верувања, визија, амбиција и чувство за идентитет.
Она што е значајно да го знаеме е дека надворешниот успех секогаш има внатрешна основа – јасен сет на размислувања и квалитети кои го поддржуваат. Различните комбинации од овие квалитети водат до различни резултати во бизнисот. MindsetMap™ им овозможува на претприемачите и лидери да го споредат својот мајндсет со најуспешните светски практики и да добијат насоки за развој на сопствениот начин на размислување.
Како MindsetMaps помага да се предвидат и спречат ризици како исцрпеност или неусогласеност во организациите?
Денешниот ‘секогаш вклучен’ свет често го мери успехот преку активност, а не преку смисла. Кога акциите се водени од надворешни награди – пари, статус, очекувања, се појавува исцрпеност и прегорување. MindsetMaps им помага на учесниците да ја откријат вистинската мотивација, да се усогласат со вредностите и визијата и да ја канализираат својата енергија кон проекти кои носат реална разлика и лична исполнетост.
MindsetMaps доаѓа и со дијагностички извештај наречен “Health Scan”, кој го мери здравјето на мајндсетот и ги идентификува ризиците од исцрпеност и нерамнотежа пред тие физички да се манифестираат. Тоа овозможува коучевите и организациите да дејствуваат превентивно и да создадат одржлив развој за поединците и тимовите, со акцент на човечкиот потенцијал, благосостојба и одговорно лидерство.
Зорица, покрај тоа што MindsetMaps го поддржува развојот на лидерите и претприемачите, кажавте дека е и моќна алатка за коучинг. Како точно ја менува работата на коучевите и го олеснува процесот со клиентите?
На начин што им дава на коучевите јасна, структурирана и ‘data-driven’ рамка за работење. Со само еден прашалник, создава визуелна мапа на мајндсетот на клиентот, го истакнува неговиот потенцијал и областите за развој и автоматски предлага конкретни техники и методи кои одговараат на нивниот профил.
Коучот останува активно вклучен во процесот и работи на генеративен начин со клиентот, но не мора интуитивно да избира техники, да импровизира или да пробува различни алатки. MindsetMaps го насочува кон точната алатка чекор по чекор, со методолошки поткрепена поддршка и акцент на резултат. Дополнително, сите извештаи се достапни со еден клик, што го прави коучингот ефикасен, фокусиран и трансформативен уште од првата сесија.
Кажете ни повеќе за самата програма и зошто е толку практична?
Програмата е богата и екстензивна и трае 13 дена, распределени низ неколку месеци. Таа се фокусира на четири области: развој на личната цел, развој на сопствениот проект или бизнис, тимската динамика и обезбедување на потребните ресурси и партнерства. Сè започнува со личноста, нејзината пасија, визија и посветеност на поголема цел. Учесниците практично учат како да ги применат вештините во својот живот и кариера или како коучеви со клиенти.
За коучевите, MindsetMaps обезбедува рамка која штеди време, создава јасност и самодоверба и овозможува развојот на клиентите да се усогласи со вистинските вредности и визија.
Кој може да има најголем бенефит од програмата?
Програмата е за секој кој сака да живее живот со поголема смисла, да го реализира својот сон и да развие идеја, проект или бизнис. Идеална е за претприемачи, внатрешни претприемачи, коучеви, менаџери и лидери кои сакаат да ги поддржат другите во развој. Главниот фокус е практичен – учесниците учат за својот мајндсет и сопствената способност за акција додека работат на својот проект, кариера, бизнис идеја или развој на постоен бизнис.
Кои претприемачи и лидери биле модел за програмата?
Стотици успешни луѓе се моделирани – и познати и помалку познати – кои успеале успешно да балансираат помеѓу профит и поголема смисла и придонес. Меѓу познатите модели се Стив Џобс, Џеф Безос, Елон Маск, Ричард Брансон, Мухамед Јунуз, Анита Родик и многу други. Тие покажуваат дека автентичноста, успехот усогласен со визија и цел, се многу поважни од чист профит. Успехот е резултат на преземање иницијатива, акција и одговорност.
Зошто MindsetMaps е интересен за нашиот регион, кои се пораките за оние кои сакаат да го развијат својот потенцијал?
Лично сум инспирирана што можам да го донесам овој пристап во нашиот регион. MindsetMaps е глобално решение базирано на над 30 години истражување, кое помага да се развијат лидери и автентични претприемачи.
За кај нас, го гледам како можност не само за луѓето што се занимаваат со коучинг и консултантство, туку и како поддршка за многу луѓе да престанат да чекаат дозвола од другите или совршени услови и да дејствуваат свесно. Секој може да го прилагоди својот мајндсет и да го претвори во мотор, а не во сопирачка. Првиот чекор е да се освести што навистина сакаме, кои ограничувања нè држат назад и кои практики можеме да ги воведеме за да се движиме кон целите. Со MindsetMaps™, учесниците добиваат методологија, развој на вештини и алатки за да создадат конкретни, практични чекори кои носат резултати.
Успехот започнува одвнатре – со свесен, фокусиран и усогласен мајндсет.
