“Бидете страствени кон животот. Стануваме она за кое свесно сонуваме!”

 

 

Познатото ни станува досадно, непознатото не плаши…

Живееме во турбулентни и брзи времиња. Ако сте и вие како мене, веројатно барем некогаш сте се запрашале во животот како да станете задоволни со вашиот живот? Како да развиеме живот кој ќе се заснова на оптимизам и верба?

Многу од нас имаат вообичаена низа на активности и однесување преку кои се движат напред во животот. Тоа секој за себе го знае.

 

Најдобар начин да ја предвидете својата иднина, е истата да ја креирате. Да ја креирате од она што е непознато, наместо од она што е познато. Да почнете да се чувствувате пријатно во непознатото. Така се случува “магијата”, надвор од “зоната на комфор”. Таа никогаш не се случува кога се е однапред познато за нас.

 

Често се случува луѓето да изгубат полетност, да изгубат елан, да не им се станува наутро од креветот. Зошто? Бидејќи можат да го предвидат чувството за се што ќе се случува во денот,  навикнати се на таа вообичаена низа на активности и навики на однесување. Каков е вашиот вообичаен ден или шема на однесување?

Но, сетете се со каков жар игравте како деца, или сте учествувале на некакви настани или спортски активности? Сетете се на возбудата кога бевте деца, на детските авантури и сетете се на моментите кога требаше да одите на патување, што се случуваше тогаш? Се будевте први и скокавте од креветот. Така би требало да го живееме нашиот живот.  Да се будиме со свесност, со разбирање за непознатото, со очекување на непознатото. Со очекување  дека нешто невообичаено ќе се случи во нашиот живот како резултат на нашиот труд. И токму во тие моменти кога почнува да се случува, ние почнуваме да си докажуваме на себеси дека имаме моќ да влијаеме на сопствениот живот.

 

За почеток е доволно да одвоите малку време за рефлексија. Можеби навечер и наутро. 

 

Проверете се себеси одвреме навреме во текот на денот, за да видите дали сте сеуште во таа енергија. И доколку не сте, повлечете се малку во себе, освежете ја енергијата и вратете се пак во реалноста. Ако почесто го правите тоа, ќе станете помалку фрустрирани, помалку нетрпеливи, помалку ќе осудувате. Полека прераснувате во некоја друга личност.

Се чувствувате поразлично, чувствувате воздигната внатрешна состојба, вашето срце чука, имате јасна слика за визијата и енергијата е различна. Одржувајте ја таа енергија. Така почнувате поразлично размислувате. А нашите мисли се гледаат во се што правиме, често на начини кои се несвесни за нас. Овие мисли праќаат сигнали во светот за тоа што сакаме, во што веруваме и кои сме ние. И светот одговара на тие сигнали.

 

Убавината е што постојат начини да управуваме со овие внатрешни сигнали и репрезентации. И правејќи го тоа ние продираме во потенцијалот на нашиот ум. Најдете друго значење за настаните и ситуациите, сменете ги реакциите, смислувајте нови планови, правете проби и вежби во умот. Тоа се нови нервни патеки во мозокот, ново условување за ново однесување – познато во науката како невропластичност.

Ако сакате да креирате нешто ново, ако сакате да станете неограничени во начинот на размислување, треба да се чувствувате неограничено. Ако сакате да правите нешто извонредно и интересно, треба да станете интересни и извонредни. И ако ова редовно го правите вие станувате тоа, станува се полесно. И тогаш почнуваат да се случуваат сите тие убави случајности. Коинциденциите се “фидбек” од нашата околина кога “полето” почнува да отвара врати на можности за нас.

 

И не е до материјалните моменти, туку до тие мистични, трансцеденталните моменти. Моменти кои ни го одземаат здивот. Гледаме појасно околу работите.

Животот ни носи неочекувани моменти и изненадувања. Секогаш прашувајте се што ќе ви донесе животот?

Негувајќи ја мистеријата во себе, овозможувате да бидете вистински живи.

 

м-р Зорица Поповска

Професионален тренер и бизнис консултант

Основач на Сенсум Тренинг и Коучинг

No comments, be the first one to comment !

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена.

top
Сенсум© 2018. Сите права задржани.

Login

Create an Account Back to login/register